Револт и сомнежи дека судскиот процес намерно се одолговлекува со цел да се ослободат осомничените искажаа денеска роднините на настрадените во автобуската несреќа кај селото Ласкарци. Тие денеска беа информирани дека судењето за несреќата од пред четири години во којашто загинаа 16 патници а 30 беа повредени, повторно се одложува од причина што Кривичниот суд не го добил нарачаното супервештачење.
Роднините протестираа пред зградата на Кривичниот суд при што изјавија дека супервештачењето што требаше да го направи Бирото за судски вештачења и после една година, нема мрднато од мртва точка.
-Ова е срамота за судството, за судијата што го води предметот, срамота е за Бирото за судски вештачења. Претходно Машинскиот факултет истото тоа супервештачење го направи за само за 6 недели. Не знам колку време треба да чекаме за оваа постапка да заврши и правдата да ги стигне луѓето што го направија ова злодело, рече претставник на роднините Благојче Трпевски.
Тој додаде дека отворено се сомневаат дека се сака заштита на виновнциите.
– Се сомневаме и се плашиме дека ова е нарачано супервештачење, само да се заштитат виновниците и да се одолговлекува овој предмет. Ви тврдам дека сега ова што се прави е купување време и да не биде издржано и со факти. Судот купува време и сака да најде начин како обвинетите што направија злосторство и убија 16 луѓе да бидат ослободени и ние тоа нема да го дозволиме, потенцира Трпевски.
Основниот Кривичен суд Скопје денеска соопшти дека проблемот не бил кај него, туку кај вештаците од Бирото за судски вештачења. Судот испратиле 9 ургенции до Бирото за судски вештачење за навремено изработување на супервештачењето но тоа не е направено.