„Руди Чајевац“ или „Славко Јаневски“, сеедно- ако асфалтот е како сирење со дупки!

Град Скопје има намера да ги менува имињата на скопските улици, така што ќе добијат нови, на значајни личности од современиот живот. Па, како што дознаваат медиумите на листата на нови имиња може да се сретнат: Живко Поповски, Славко Брезовски, Борис Чипан, Константинос Доксијадис, почесните граѓани Торвалд Столтенберг, Лоренс Иглбергер и У Тант, писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески, Адем Гајтани и Даница Ручигај, ликовните уметници како Томе Серафимовски, Петар Мазев, Димитар Кондовски, Борка Аврамова и културните уметници: Есма Раџепова-Теодосиевска, Мери Бошкова, Неда Гешоска, Ѓорѓи Колозов, Тодорка Кондова, Димитар Ќостаров, Илија Милчин, Илија Џувалекоски, Џемаил Максут, Салаетин Билал и многу други…

Оваа листа на имиња допрва ќе треба да ја филтрираат граѓаните на Скопје преку јавна анкета. Но анкетата веќе започна откако медиумите ја објавија веста. Но, скопјани не бираат имиња туку реагираат за потегот воопшто да се ставаат нови на улиците кога најпрво треба да се закрпат дупките на асфалтите.

– Има улици кои на еден дожд се поплавуваат, има и такви со кратери, не дупки, туку кратери! Како не се најде јунак да ги среди и закрпи да не ги искршиме автомобилите, туку одма за имињата се фативте?! Промена на името на улицата е исто како и на државата Македонија, ќе го промениме ама улицата ќе си остане иста: распадната, уништена… се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

Изгледа анкетата што пред да биде објавена официјалната листа на имиња, е веќе коментирана – му го покажа патот на Петре Шилегов. Не е важна промената на името, туку колку улиците се здрави и зошто некои од нив не се ни допрени односно реновирани. Козметичките промени нема да ни ги чуваат гумите од дупките и распаднатиот асфалт: Руди Чајевац или Славко Јаневски, сеедно- ако асфалтот е како сирење со дупки!

Претходна вестТемпературите во пораст, попладне можен е дожд
Следна вестИма ли министерството за култура идеја за нов дом за „Танец“?