Русите вакцина за ковид пронајдоа, ние уште пронаѓаме кој гради кај Мавровка

И вториот тендер за уривање на дивоградбата кај Мавровка пропадна, пак не се најде јунак- фирма што ќе ја урне. Сега што понатаму, општина Чаир ќе одлучувала од понеделник, но нагласуваат дека оваа дива градба им била прва на листата за срамнување со земја. Во моментот на местото на старото кафуле „Фонтана“ што изгоре на мистериозен начин среде ноќ за време на полициски час, работата стагнира. Остануваат бетонските столбови и плочи кои никако не смееја да се прават оти можеше – а и така е дозволено – само метална конструкција налик на претходната.

Скопјани се револтирани на чаирските и скопските власти оти како што велат, намерно го заштитуваат градителот. Најмногу заради тоа што се убедени дека свесно манипулираат со јавноста дека не знаат кој гради, па немало кому решението за уривање да го испратат. Ваквата манипулација за твитерџиите е инспирација, па еден ќе напише: „Русите вакцина за Ковид измислија, ние уште не знаеме кој гради во Мавровка!“.

Инаку за потсетување, на почетокот на јули кога медиумите почнаа да истражуваат за случајот, ТВ Алфа објави дека го сретнале сопственикот на земјиштето каде што се гради. Тој им објаснил дека е и инвеститор на новиот објект. Тврдел дека се гради според дозволата што ја добил од општина Чаир. Демант на оваа информација никој никогаш не даде.

– Имам дозвола од градоначалникот дека можам да работам! Реконструкција се прави!- се изјасни човекот кој се претстави како инвестотор, тогаш. И општинските градежни инспектори кои излегоа на терен во тоа време, кажаа дека не констатирале никакви нерегуларности.

Но ситуацијата се промени по 20 дена, по силниот притисок од јавноста. Општина Чаир го промени ставот – објектот стана дивоградба и донесе одлука за негово уривање. Во меѓувреме скопското обвинителство отвори предистрага против непознат сторител, оти нели Чаир, но и полициските власти остана на ставот дека не знаат кој гради.

И така, драмата стигна до два пропаднати тендери за избор на фирма што би уривала дивоградби во Чаир на чело со оваа кај Мавровка. Како ли ќе заврши?

Претходна вестГаши и Села: Немаме никакви преговори за учество во новата влада
Следна вестСтрушки вечери на поезијата во пандемски услови, лауреатот Амир Ор ќе дојде следната година