Лидерот на Ал Каеда, Египќанецот Ајман ал Завахири, бил убиен во американски воздушен напад врз Кабул, Авганистан, во неделата наутро, што е најголемиот удар за милитантната група откако нејзиниот основач Осама бин Ладен беше убиен во 2011 година. Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека лидерот на Ал Каеда е убиен во напад со беспилотно летало. Според информациите дадени од американски официјални лица, Завахири бил на балконот од неговата куќа кога дронот испукал два проектила кон него. Присутни беа и други членови на неговото семејство, но тие беа неповредени, изјавија официјални лица.
-Правдата е задоволена и овој терористички лидер го нема. Нашите разузнавачки служби го лоцираа Завахири на почетокот на годината. Авганистан никогаш повеќе нема да биде рај за терористите, рече Џо Бајден во говорот од Белата куќа, додавајќи дека нема цивилни жртви.
Очен хирург по професија, Завахири бил еден од основачите на милитантната група Египетски исламски џихад и важеше за десна рака на Бин Ладен и главен идеолог во Ал-Каеда. Експертите сметаат дека тој бил мозокот на нападите од 11 септември и американската влада потоа го стави на второто место, зад Бин Ладен, на листата на 22-ца најбарани терористи, со награда од 25 милиони долари. Во следните години, Завахири доста се експонираше преку видео и аудиоснимки, додека групата се радикализираше и регрутираше луѓе низ светот. По смртта на Бин Ладен и со зајакнувањето на други групи и движења, тој стана маргинална фигура и ретко се огласуваше.
Неговата смрт покренува прашања за тоа дали Завахири добил засолниште од талибанците откако го презеле Кабул во август 2021 година. Официјалниот претставник рече дека високите талибански претставници биле свесни за неговото присуство во градот.
Нападот со беспилотно летало е првиот познат напад на САД во Авганистан откако американските трупи и дипломати ја напуштија земјата во август 2021 година. Овој потег може да ги зајакне гаранциите на Вашингтон дека Соединетите држави сè уште можат да се соочат со закани од Авганистан без воено присуство во земјата.
Во изјавата, портпаролот на талибанците Забихула Муџахид го потврди нападот и остро го осуди, нарекувајќи го кршење на „меѓународните принципи“.