Сам сум во парк – и понатаму да носам маска?

  

Се вакцинирав, дали треба да носам маска на отворено? Дали децата кои имаат час по физичко воспитување треба да носат маски? Возам велосипед, дали да ја носам маската? Сам сум во парк и понатаму да носам маска? Многу е топло, не се издржува на сонце, и понатаму да носам маска?… Ова се дел од прашањата кои извесно време ги мачат граѓаните во Македонија.

Сега, само се засилуваат овие прашања откако се најавија нови – полабави мерки против пандемијата. Но, никаде не се спомнува – што со носењето на маските на отворен простор?  

Министерот за здравство Венко Филипче викендов изнесе мислење дека со планираната имунизација на населението, некаде до крајот на летото нацијата ќе се стекне со колективен имунитет. Но дали тоа значи дека дури тогаш ќе паднат заштитните маски?  

Иако кај експертите има поделени мислења, сепак, поголемиот дел од нив сметаат дека е сосема непотребно да се носи маска на отворен простор, особено таму каде што има дистанца од другите луѓе. Но, овие експертски мислења треба да влезат и во протоколите кои ги изработуваат надлежните за тоа во Владата, а во моментов нема назнаки за такво нешто.  

Инаку, денес на состанок со Комисијата за заразни болести се донесени новите мерки кои Филипче му ги предложи  на Главниот координативен кризен штаб-  

-да се скрати рестрикцијата на движење, односно полицискиот час да трае од 24 часот до 05 часот наутро  

– угостителските објекти да работат до 23:30 часот  

– да се укине забраната за работа на фитнес центрите и теретаните  

– организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно присуство на 30 отсто од целосниот капацитет  

– капацитетот на градинките се зголемува на плус 5 дечиња, односно од 15 на 20 деца во група  

– здравствените работници ќе може да ги искористат старите и новите годишни одмори.  

Инаку, за потсетување: Казната за неносење маска е 20 евра, а до сега се казнети околу 200.000 граѓани на Македонија. Јасно е дека ако сите ја платиле казната колку пари се слеале во државната каса – околу 4 милиони евра. А, секако дека идејата не е само да се казнува… 

 

Претходна вестЕве што не знаат министрите
Следна вестПриемите во ковид-центрите во Скопје сведени на 13, вкупно во болниците има 748 пациенти со ковид