Сами напишете си „НМК“ на возилата?

Хаосот со промената на личните документи стана заразен. Вирусот влезе и во ултиматумот од власта дека до 12 февруари сите треба да залепиме налепници со фамозното и по малку нејасно „НМК“ на регистарските таблички.

Толку е опасен вирусот што еве налепниците уште ги нема никаде. А треба да се лепат ни наредија, ќе фрштат казни. Едноставно, продолжува чекањето на испораката на налепниците за регистарските таблички по станиците за технички преглед и регистрација на возилата. И утринава, како и во изминативе денови, во станиците се уште не се испорачани налепниците кои се очекуваа секој ден.

-Се уште не сме ги добиле, не знаеме дали ќе дојдат во текот на денот, ни изјавија од една станица за технички преглед на возилата од подрачјето на скопската општина Кисела Вода.

Ист одговор добивме и во неколку други станици.

Неверојатна површност и неорганизираност од страна на МВР. Која е причината за неиспораката на налепниците од полицијата се уште нема официјално објаснување. Договорот за нивна набавка е склучен уште во декември минатата година, но до испораката се уште не доаѓа.

До истекот на рокот на 12 февруари, од кога граѓаните задолжително ќе мора да имаат налепница со „НМК“ останува само уште шест дена. Ова значи дека и под услов налепниците да се дистрибуираат утре-задутре, на граѓаните ќе им останат само неколку дена за да ги набават во станиците за технички преглед. Пак редишта, пак нервози, пак понижувања…

Нема ниту информација на кој начин би се вршела распределба на граѓаните. Во станиците за технички преглед има само по еден шалтер на МВР на којшто би се вршела дистрибуција на граѓаните. Но, тоа ќе значи дека процесот нема да оди толку брзо и дека ќе се создаваат редици на граѓани, како и во случај со замената на личните документи. Се надеваме поранешниот министер Спасовски нема и за ова да ги обвини граѓаните.

МВР вчера само соопшти дека налепниците ќе бидат бесплатни.

-Во однос на цената за налепниците, од страна на Министерството за внатрешни работи е изготвен предлог тие да бидат на товар на Министерството, односно да бидат бесплатни за граѓаните, соопштија од МВР.

Но, се поставува прашањето, што ако налпениците се бесплатни кога ги нема? Може најдобро е да пратат ново соопштение со упатство – напишете си самите НМК на автомобилите?

Претходна вестСкопје утрово е најзагаден град во Европа
Следна вестРодителите на учениците во Чашка ги радикализираа протестите со блокади на улици