Самит Г20: Кина бара укинување на санкциите против Русија

Првиот човек на Кина, претседателот Си Џинпинг, денеска ги повика лидерите на Групата 20 индустриски развиени и земји во развој (Г20) да се спротивстават на инструментализацијата на храната и енергијата.

-Мораме цврсто да се спротивставиме на секаква политизација и инструментализација на прашањата за храна и енергија и употребата на тие прашања како оружје, рече Си на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.

Кинескиот претседател повика и на укинување на санкциите, какви што беа воведени кон Русија.

Исто така тој побара од богатите земји да се фокусираат на намалување на влијанието на зголемувањето на каматните стапки поради зголемувањето на цените.

-Развиените економии треба да ги намалат негативните ефекти од прилагодувањето на нивните монетарни политики и да ги стабилизираат долговите на одржливо ниво, рече Си, обраќајќи се на дводневниот самит на Г20, кој почна денеска во Индонезија.

Земјите од Г20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.

Во нив живеат две третини од светската популација.

Членки на Г20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на ЕУ.

Инаку, Кина се противи на размислувањата за исклучување на Русија од Г-20 и другите меѓународни организации, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров на маргините на самитот на Г-20 во Бали.

Претходна вестВладата најави некои решенија, но „Студентски Отпор“ е незадоволен – најавува нови протести
Следна вестРСБСП: Подгответе се за безбедно возење во зимски услови