Владата најави некои решенија, но „Студентски Отпор“ е незадоволен – најавува нови протести

„Студентски отпор“ не е задоволен од мерките кои ги најави синоќа владата околу студентскиот стандард, најави протести. Инаку, синоќа беше договорено студентски оброк да има по старите критериуми и да се исплаќа по стариот метод до 15 март 2023 година, а обезбедено е сите студенти кои досега беа корисници на Студентски оброк и понатаму да останат.

Претставници на студентското собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ синоќа учествуваа на средба со владини претставници на којашто се бараа решенија за исплата на Студентски оброк, но и за други проблеми на студентите.

ниверзитетските собранија ќе бидат дел од работните групи кои треба да го креираат системското решение на законот најкасно до 15 март 2023 година, соопштија синоќа студенти од студентското собрание.

И министерот за образование Јетон Шаќири потрди дека Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно ќе се исплаќа ретроактивно до март, а дотогаш ќе се најде системско решение за оваа субвенција.

ите заедно одлучивме да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји, рече Шаќири по средбата на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски.

Во однос на барањето за подобрување на условите во студентските  домови, министерот рече дека ќе разгледаат каде може најитно да интервенираат, како што рече, во најпроблематичните состојби.

Меѓутоа, иницијативата „Студентски отпор“ којашто вчера попладне протестираше пред Собранието е незадоволна од договорот и за во четврток повика на масовен студентски марш

-Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и ве повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот. Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија, се вели во повикот.

Студентите здружени во „Студентски отпор“ бараат: издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно; издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите; издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Претходна вестСветското население надмина осум милијарди луѓе, најголем раст има во Азија
Следна вестСамит Г20: Кина бара укинување на санкциите против Русија