Самит „Македонија 2025: Дијаспората подава рака за да се привлечат инвестициите, досега не сме многу успешни во тоа

Постојано подаваме рака, сакаме да и помогнеме на која и да е влада за да го подобриме системот на привлекување инвестиции, и странски, но и од дијаспората. Не сме до сега многу успешни во тоа, беше порачано денеска на почетокот на Тринаесеттиот Самит „Македонија 2025““, организација која ја спојува дијаспората со татковината, што започна со работа во Скопје. Ова до сега најголемо издание на овој Самит кој редовно се одржува а на кој сега ќе учествуваат над 500 гости при што се предвидени околу 15 панели со над 50 говорници.

-Во моментов подаваме рака за две клучни области – дигитализација и конкурентност, конкурентност повеќе во смисла како да ја подобриме регулативата, како да создадеме повеќе извозници, но како да ги промениме и институциите за да бидат по наклонети кон економски развој и сето тоа во насока на постигнување пет отсто стапка на раст, порачаа директорите на „Македонија 2025“.

Од Самитот беше упатена силна порака да се впрегнат сите сили за постигнување економски раст од 5 отсто годишно со цел да се придвижиме кон развиените економии

На денешната прес-конференцијата по првиот панел од Самитот во Скопје, беше истакнато дека за да има што повеќе инвестиции од дијаспората во земјава, неопходни се стабилни институции, економски можности за инвестирање и искоренување на корупцијата. Дијаспората, како што беше речено, засега им помага на домашните фирми за да почнат или да реализираат што поголем извоз, но таа помош и поддршка треба подобро да се канализира.

Еден од приоритетите на кои мора да се работи, нагласија директорите, е и брендирање на државата, на тоа како ќе не препознаваат во светот – како бизнис дестинација, дестинација со одлични образовни институции,… Тие повторно укажаа и на потребата од подобар образовен систем и инфраструктура, што ќе овозможи да фатиме економски приклучок со сите останати земји во регионот и пошироко.

– Инвестициите од дијаспората или наречени директни инвестиции од дијаспора се нешто што оди заедно „рака под рака“ со странските директни инвестиции и веројатно важат истите услови и за дијаспората и за странците дали ќе инвестираат. Условите се знае кои се, стабилни институции, силни институции, да нема корупција и секако, да има економски можности за инвестирање. Од оние што се присутни на Самитот, членови на Одборот, директори,…, тоа се приватни формации и да, инвестирале во Македонија, имаат свои бизниси тука, но уште поважно е дека работат со домашните бизниси, им го трасираат патот во тоа да работат, извезуваат низ целиот свет, а исто така и преку нашата посебна програма „Контектум мк“ или „Поврзете се со Македонија“ голем дел или 90 лица од дијаспората се вклучени во менторирање и работа со домашни компании токму за да им помогнат како да почнат да извезуваат или да го зголемат својот извоз. Дијаспората навистина многу помага, но мислам дека треба повеќе да се канализира таа поддршка и се надевам дека со градење силни институции, дијаспората уште повеќе ќе се вклучи во економскиот и демократскиот развој на Македонија, изјави извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски.

Живко Мукаетов, член на Одборот на директори, се осврна на создавањето квалитетни кадри и укажа дека мора да се инвестира во нови технологии, знаење и вештини.

-Ќе биде многу тешко ако сите ние во својот сегмент на работење не се охрабриме и ако дополнително не внесеме енергија и ресурси, секако, потпомогнати со клима добра за раст и развој. Ако секој во својот дел на делување даде екстра ангажман, а убеден сум дека имаме и ресурси и знаење, ќе можеме да одиме напред и да го следиме приклучокот. Ни треба комбинација од она што ние го даваме и од она што се нови технологии, како и добра, мотивирачка климаза работа, со конкретна поддршка на одредени програми за да може да ги подбутнеме работите, оцени Мукаетов.

Директорите на Македонија 2025 најавија состаноци со повеќе владини институции и со идниот мандатар на владата Христијан Мицкоски и неговиот тим. Мицкоски утре, како што е предвидено, треба да го затвори дводневниот Самит.

-Ќе подадеме рака за поддршка и помош во било каква и да е форма – човечки ресурси, знаење, контакти, финансиски средства, навистина сме спремни. Неколку пати упативме пораки дека ова е еден пресврт или може да биде и треба да биде пресврт во нашата економија и развој и дека ние сме спремни тука да одиграме многу конструктивна улога, заклучи извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска Блажевски.

Претходна вестАкадемик Коцарев: Време е за резолуција за македонскиот културен геноцид
Следна вестВремето денеска облачно со повремен дожд