Секој ден при влез во маркетите македонските граѓани стрепат што цени ќе видат на рафтовите. Во последно време имаше многу осцилации и често на крајот линијата од ценовниот графикон одеше нагоре.
За повеќето граѓани би можело да се каже дека веќе ништо не може да ги изненади кога се во прашање цените. Односно, дека се навикнати на тоа дека цените се високи, дека кај нас е речиси се поскапо отколку во соседни земји, дека има трговци кои немаат милост кога удираат маржи повеќекратно поголеми од вообичаените за одделни производи…
Но, се чини, дека пак ќе следи непријатно изненадување.
Имено, во јавноста веќе се најавува дека во пресрет на Велигден цената на јагнешкото месо ќе се искачи и до 700-800 денари за килограм!? Такви најави даваат некои месари објаснувајќи дека пред големиот празник ќе следи поголема побарувачка по овој вид на месо, а залихите се намалени поради извозот на странските пазари со оглед на фактот што католичкиот Велигден годинава се празнуваше многу порано. Тоа е значително повеќе од сегашната цена од околу 600 денари по која се уште се продава овој вид месо по одделни месарници. Но, тоа е само една страна на причините за најавеното поскапување. Другата страна, врзана за откупот на јагнињата од производителите укажува дека и покрај зголемената побарувачка, цената не би смеела да отиде толку високо. Одгледувашите на овци деновиве укажуваат дека цената по која им се откупуваат јагнињата е неоправдано ниска во однос на продажната. Односно, дека со ниската откупна цена продажната не би требало да биде преголема.
-Нашата цена е 220, максимално до 240 денари оди. Така да цената на јагнешкото месо би требало да биде во месарниците не поголема од 450 денари, изјави деновиве Митко Јанко, претседател на „Ан-агро центар“ од Велес за ТВ24.
Што ќе затекнеме во месарите?
Не треба оштетени да бидат купувачите, а секако и одгледувачите на живина. Нормално, и месарите треба да го видат својот интерес, но со усул, а не да се злоупотребува празничното зголемено побарување.
Удирањето на големите маржи од страна на некои трговци и до сега беше главен проблем кога се работи за неоправданите поскапувања. За тоа мора да се најде начин да се сопре, малку со совест и општествена одговорност, малку со пазарната инспакција.