Тераа парламентарна кампања и до сега, ама од утре е и официјално

Кампањата за претседателските избори во Македонија е во полн ек. Кандидатите се растчани низ земјава, а со нив се и партиските тимови. Од утре изборните карвани ќе бидат уште помасовни – официјално стартува дваесетневната кампања за и парламентарните избори.

Тоа значи дека до 22 април на полноќ кампањите за претседателските и парламентарните избори ќе се преклопат и ќе се водат истовремено. Потоа, кога ќе настапи дводневен предизборен молк за првиот круг на претседателските избори закажан за 24 април, ќе се води само кампањата за парламентарните избори. Вака покажува изборниот календар, но прашање е дали граѓаните ќе ја забележат разликата меѓу претседателската и парламентарната кампања.

Тешко, оти од она што до сега се гледаше како изборна кампања не можеше да се види голема разлика меѓу онаа за избор на претседател и онаа за избор на пратениците. Митинзи, средби со граѓани, прошетки по пазари, населби, паркови… кои што досега се одржуваа имаа речиси задолжително присуство на кандидатите за претседател, но и на партиските лидери, како и на носителите на партиските листи, партиските кандидати…

Практично, настапите на претендентите за шефот на државата и на партиските функционери беа заеднички и, практично, со кампањата за избор на претседател се води и кампањата за парламентарните избори. Односно, кампањата за избор на пратениците, всушност, како да започнала со онаа за претседател и со што сега само ќе продолжи и со што ќе трае цели четириесетина дена!?

Всушност, ако зборуваме отворено, тие кампања тераат со месеци наназад, само ете сега ќе е официјализирана.

Сега, само се влегува во финалето во кое може да се очекува дека кампањата ќе стане многу интензивна, а за жал и често ќе биде валкана оти тој тренд веќе се „негува“. 

Колку во времето на кампањата државните функционери ќе ги работат и работите за кои се платени во интерес на Македонија останува да се види.

Претходна вестСамо ќе го гледаме јагнешкото месо на месарските излози или и ќе купиме?
Следна вестБисера Костадиновска – Стојчевска: Ќе се видиме на суд со Данела Арсовска