Со предлог законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата, соопшти денеска СДСМ.
Владечаката партија наведува дека на тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на коридорите 8 и 10д, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како железници, гасоводи и други важни инфраструктурни проекти.
-Тука спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Коридорот 8, ЕУ веќе го карактеризира како европски коридор со геостратешко значење. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10Д, се наведува во соопштението.
СДСМ укажува дела ова е најголемиот проект во инфраструктурата во историјата на државата, во вредност од 1,3 милијарди евра. Од тие средства, најмалку 600 милиони евра ќе завршат кај наши, домашни компании.
-Со изградбата на коридорите македонската економија добива пристап до две нови пристаништа, она во Драч и она во Бургас и наместо кружен тек, конечно станува вистинска крстосница. Покрај унапредување на инфраструктурата, изградбата на овие коридори, носи и економски придобивки, со отворање на 8.000 нови работни места и номинален раст на БДП од два отсто годишно, се додава во соопштението на СДСМ.