Апелираме до јавноста да не се политизира кривично правниот настан, во кој, по сопствено признание, како сторител се јавува македонски пејач, пишува во соопштението од СДСМ.
Според владеачката партија, негативните емоции за називот на бугарскиот културен центар во Битола во никој случај, како што велат, не смеат да бидат причина да се оправдува свесно и со умисла подметнување пожар во кој можел да настрада и самиот сторител, но и други лица.
-Македонскиот идентитет не се брани со релативизирање на кривични дела. Вандализмот буди друг вандализам, кој може да не внесе во спирала на скандали кои може да бидат погонско гориво за радикални структури во двете земји. Наша обврска е да бидеме мудри и да не наседнуваме на сценарија чија цел е оддалечување на Северна Македонија од ЕУ. Имаме разбирање за вознемиреноста на нашите граѓани, но никогаш нема да одобриме насилничко однесување. Единствено надлежен за ценењето на евентуалните олеснителни околности во конкретниот случај е исклучиво правосудната власт, а не дневната политика“, е потенцирано во писмената реакција од СДСМ.