Како се ближат изборите така партиите засилуваат со давање на ветувања на македонските граѓани. СДСМ дури и за празник не одмара – кажува за нови убавини што ќе ни дошле во иднината.
-Со успешните економски политики на СДСМ, платите и пензиите ќе продолжат да растат и во 2024 година, велат од оваа партија.
Според СДСМ, во Буџетот за 2024 година веќе се предвидени дополнителни 160 милиони евра за повисоки плати и дополнителни 170 милиони евра за повисоки пензии.
-СДСМ ја покачи просечната плата на 39.000 денари или 630 евра. Во времето на ДПМНЕ просечната плата изнесуваше околу 22.000 денари. Просечната плата е за 300 евра повисока денес во однос на 2016 година.Во изминативе 6 години, СДСМ ја зголеми минималната плата 4 пати и сега изнесува 20.175 денари. За само неколку години и во споредба со ДПМНЕ, СДСМ ја зголеми минималната плата за над 100%. Од месец март следува ново покачување на минималната плата на 22.500 денари, велат денеска од владеачката партија.
Истакнуваат и дека со нова методологија за усогласување на пензиите, два пати годишно, со растот на просечната плата и трошоците за живот, СДСМ обезбедил континуиран раст на пензиите. и Најавуваат дека платите и пензиите ќе продолжат да растат и оваа година.