Патот од Коридорот 8 што беше најавуван како мега-проект почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, за по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена да достигне 598 милиони евра. Сите досегашни рокови се пробиени, а завршувањето на проектот се уште нe е ниту на повидок.
Експертите од областа на градежништвото го посочија тој проект како пример како не смее да се работи во градежништвото.
Професорот Јосиф Јосифовски од Градежниот факултет за МИА истакна дека на изградбата на автопатот Кичево – Охрид гледа како на десетгодишно измачување, последица на неквалитетно проектирање и нефикасни административни постапки и процедури.
– Тој проект не е обичен проект и не може да се споредува со изградба на други автопатски делници…Ова десетгодишно мачење се должи на два аспекти, значи причините се двократни. Првите се технички причини што се директно поврзани со квалитетот на проектната документација, меѓутоа и неефикасните административни постапки и одлуки, кои што земаат многу време. Драгоцено време во кое инженеирите неможат да го прават она за што се платени и при тоа се зголемуваат фиксните трошоци, посочи Јосифоски.
Од далечната 2014 година до сега се изредија неколку министри за транспорт и врски, беа свикувани прес-конференции, владини претставници се изнасликаа на трасата со ветувања за забрзани градежни активности и наскоро завршување на проектот, за една деценија подоцна се уште сообраќајот на таа делница да се одвива на импровизиран пат во изградба, лошо одбележан и необезбеден коловоз со бројни премостувања и што е најважно од се, крајно опасен за учесниците во сообраќајот.
Последните ветувања за негово завршување во последниот зададен рок беа дадени летото, кога министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на градежните работи на изградбата на автопатот на делницата од Охрид до Подмоље.
Бочварски тогаш рече дека се спроведуваат бројни координации, состаноци со 15 институции за да се решат сите проблеми во проектот.
– Оние кои го направиле проблемот во минатото со отпочнување на изградбата на овој автопат на таков начин, сега критикуваат. Сметам дека ние сме тие кои ги решиле проблемите и сме тука да направиме увид, да направиме дополнителен притисок со цел градежната механизација да продолжи со работа и да се пушти автопатот за сообраќај, рече тогаш Бочварски.
Потоа и премиерот на еден митинг го повика министерот Бочварски да стане за сите присутни да го видат дека тој е одговорниот за автопатот да биде готов до крајот на декември. Голем аплауз доби министерот тогаш.
И? Ќе стане ли сега сите да го видиме?
Најновото е дека на владина седница одржана пред Нова година била разгледана и усвоена Информацијата за Договорот за изградба на автопатот, со препорака за продолжување на активностите со доизградба, и тоа преку склучување анекс на договор со „Сајнохидро“ за продолжување на рокот за изведба..
Значи, пак нова дополнителна процедура, пак…