Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат бесрамно да ја манипулираат јавноста со наводни нови инвестиции, но овој пат со потег кој е целосно потценување на интелегенција на граѓаните, велат од СДСМ.
-Наводно новата инвестиција на Мицкоски е компанија која 16 години веќе работи во Македонија. Станува збор за барање на компанијата Вабтек за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка, посочија од СДСМ.
Според нив ВМРО-ДПМНЕ изгледа смешно и наивно со своите промоции.
– Во отсуство на реална и сериозна дипломатска агенда на Самитот на НАТО, Мицкоски ја замајува јавноста со лажни ПР промоции. И кога веќе е решен да манипулира, го повикуваме исто така да ги објави условите под кои ќе го проширува производството компанијата Вабтек и што точно е договорено со компанијата, додаваат од СДСМ.
Американски Вабтек ќе инвестира во Македонија, објави на социјалните мрежи, премиерот Христијан Мицкоски.
Се работи за компанија којашто е дел од 500. најголеми компании во САД, а се занимава со производство на сопирачки за шински возила.
– Остварив средба со извршниот потпретседател на компанијата во Вашингтон каде што беше потврдена динамиката на реализација на новата инвестиција. Повеќе од 100 нови вработувања, инвестиција вредна 35 милиони евра, соопшти Мицкоски додавајќи дека поголем извоз гарантира подобра иднина.