Наближуваат парламентарните и претседателските избори во Македонија. Првата дилема е дали тие ќе бидат одржани во ист термин, за да биде многу поевтино за државата.
Владеачката партија СДСМ, се чини, станува се поосамена и во владината коалиција во ставот за одржувањето на претседателските и на парламентарните избори во различни термини. Опцијата изборите да се одржат во ист термин сега е поблиска и на најголемиот коалициски партнер ДУИ.
Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи синоќа изјави дека во негова партија преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските. Тој во интервју на МРТ 1 нагласи дека за ДУИ, сепак, се прифатливи двете варијанти.
-Партијата се уште нема официјален став во однос на ова прашање, но се прават координации на дневна основа и сите опции се отворени. Но, во ДУИ преовладува малку ставот дека, заради логистички, финансиски и административни причини, треба можеби заедно да се оди, потенцира Османи.
Претходно, минатиот месец, и Арбен Таравари, лидер на Алијанса на Албанците, која, исто така, е дел од Владата, соопшти дека се за истовремено одржување на изборите.
– За Македонија како сиромашна држава подобро е овие избори да се одржат заедно, на ист датум, и да не се двојат. Против сум опцијата претседателски во март или април, а во јуни или јули парламентарни, рече тогаш Таравари.
Од друга страна, лидерот на СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека тие и натаму се на ставот дека изборите ќе бидат редовни, во одвоени термини.
-Јас кажав во експозето кога станав претседател на Владата на 16ти јануари минатата година дека ќе има редовни избори. За датумот на изборите тоа веќе е предмет на дискусија помеѓу сите политички парти, не помеѓу две политички партии, рече Ковачевски.
Партискиот портпарол на СДСМ Дарко Каевски завчера повтори дека ставот им е прво да се случат претседателските, а потоа и парламентарните избори. Тој очекува прашањето во однос на работните групи за утврдување на точниот датум за одржување на претседателски и парламентарни избори да се отвори на координација во текот на следната недела во Собранието.
Опозициските партии се за тоа изборите да се поклопат со термините.