Се бара притвор за две лица кои фрлале камења кон полицијата на вчерашниот протест

Државните органи го расчистуваат насилството на вчерашниот протест. Имено, скопското обвинителство поведе постапка против двајца учесници на насилниот протест, по повод пресудата во случајот „Монструм“.

Тие се гонат за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело. Осомничените се на возраст од 22 и 19 години, информираат од Обвинителство.

-По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници, потенцираат од Обвинителството.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, Основното јавно обвинителство Скопје и за нив ќе поведе кривична постапка.

Претходна вестМајка го пријавила тетинот, се обидел да ги обљуби нејзините две ќерки
Следна вестКуќен притвор за 16-годишникот кој прегази човек на пешачки во Скопје