И денеска продолжуваат воените дејствија во Украина. Објекти во градовите Киев и Харков вчера и денес силно се гранатираат од страна на руските воени сили додека се чека на нова рунда на мировни преговори најавени за денеска.
Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат денеска и ќе се одвиваат во форма на видео конференција. Рускиот преговарач Леонид Слуцки кажа дека има значителен напредок и дека е можно да се постигнат начелни договори во скоро време. Досегашните разговори главно се фокусираа на хуманитарната криза.
Михаил Подољак, украински преговарач и советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, ја потврди најава за преговори. Во видео објавено на социјалните мрежи, Подољак кажува дека Русија почнала поконструктивно да се ангажира околу преговорите и дека сега „го гледа светот околу себе многу подобро“.
Украинскиот претседател Зеленски вчера изјави дека неговата делегација секојдневно разговара со руските преговарачи.
Украина ќе се обиде да ги евакуира заробените цивили од опколените градови организирајќи за денеска „десет хуманитарни коридори“.
Од друга страна, две лица загинаа во гранатирањето во Киев, каде што мета била и фабрика за авионски делови „Антонов“ која се наоѓа на аеродромот „Свјатошин“, десет километри од центарот на Киев.
Руските сили синоќа извршија силен напад со артилерија и воздушни ракетни удари врз вториот по големина град во Украина, Харков. Заменик гувернерот на Крим истакнал декаполуостровот сега е поврзан со копнен коридор со подрачјето на Донбас во источна Украина.