Се чествува споменот на Свети Климент Охридски и на Свети Пантелејмон

Православните христијански верници денеска го чествуваат споменот на Свети Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година, како и на големиот исцелител Свети Пантелејмон. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици.

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј).

Свети Климент Охридски беше ученик на светите Методиј и Кирил. По смртта на свети Методиј, Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.

Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во сè”, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив”. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, којашто од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така Пантелејмон со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.

Свети Пантелејмон бил многу популарен лекар што лечел од разни телесни и душевни болести. Кога умрел и татко му имотот го раздал на сиромасите, а тој лечел бесплатно.  Неговата популарност меѓу народот проаснала а тоа ги разгневило лекарите кои од царот побарале да го погуби за да не привлече многумина во христијани. Поради тоа бил мачен, бесен, гребан по телото со остри предмети и горен со оган, а потоа фрлен во казан со растопено олово, но сето тоа јуначки го поднесол. Најпосле царот наредил да се исече со меч заедно со свештеникот Ермолај. Откако бил осуден на смрт, не со страв туку со радост тргнал кон губилиштето пеејќи ги Давидовите псалми. Потоа клекнал да се моли, а во тоа време џелатот замавнал со сабјата и го удрил по вратот, но на општо изненадување на насобраниот народ сабјата се искршила на безброј делови. Додека се молел Пантелејмон џелатот не можел да го погуби, иако повеќепати се обидувал. Дури откако ја завршил молитвата самиот побарал да го погубат. Тоа се случило во родното место Никомидија на 27 јули според стариот (или на 9 август според новиот) календар во 305 година.

На Света Гора има голем манастир посветен на свети Пантелејмон во кој според преданието се наоѓаат дел од моштите на светецот. Во Македонија впечатливи градби посветени на св. Пантелејмон се Светиклиментовата црква на Плаошник, потоа црквите во Горно Нерези, Скопско, во Велес, манастирите во Кочанско, Штипско и други места

Претходна вестДел од Карпош денеска без вода
Следна вестГужва на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата