Се читаат ли книги во Македонија или почесто прашината се брише од нив?

Се читаат ли доволно книги во Македонија? Има ли населението навики за тоа? Ова се прашања поттикнати од денешниов ден – Светскиот ден на книгата.

Во книгите се скриени сите одговори, во нивните редови има кажувања и за непоставените прашања. Книгите го објаснуваат овој свет, а отвораат и нови, книгите се слободата на човекот…

Поводот за одбележувањето на Светскиот ден на книгата кој е воспоставен на 23 април 1995 година, е споменот на големите книжевни великани Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир кои починале на тој ден во различни години.

– Книгата, без оглед на нејзиниот формат, е суштинско средство за образование и извор на знаење. Со книгите учиме да читаме. И благодарение на нив остануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот, вели Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.

Инаку, Цицерон многу одамна рекол: „Ако имате градина и библиотека, имате сè што ви е потребно“.

Имаме ли дома книги? Оние што имаат, ги отвораат често или само ги забришуваат од прашина оти им користат како декор?

Некои анкети правени пред неколку години во Македонија покажаа загрижувачка состојба со која, на пример, една четвртина од населението не прочитало ниту една книга во годината во која биле анкетирани! Лани, пак, Државниот завод за статистика објави поразителен податок дека македонските библиотеки за една деценија изгубиле 80 проценти од корисниците.

Може тоа не значи дека населението не чита книги? Каде и да се погледне има многу граѓани кои гледаат нешто во мобилните – повеќето читаат… а сега е дигиталната ера…

Но, и по интернет кружат разни скратени-прераскажани форми од лектирите за децата.

Унаку, во Македонија имаше и една министерка за образование која форсираше идеа да се укинат печатените учебници и тие да бидат достапни само во електронска форма. Колку тоа е умно и колку тоа ќе помогне во создавањето навики кај младите генерации за читање книги нека заклучи секој сам. Зголемената посетеност на годинешниов Саем на книги што се одржа во Скопје, посебно од младата генерација, покажа дека сите надежи не се загубени и дека книгите може да си го најдат својот пат и место до и меѓу граѓаните.

Една стара изрека вели: „За да станеш умен потребно е да прочиташ околу 25 книги. Но за да ги најдеш кои се тие 25, пожелно е да прочиташ стотици книги“.

 

Претходна вестПазарните инспектори утре ќе контролираат дали се почитува владината одлука за неработен ден
Следна вестСекогаш сум точен и ефикасен, а сум и прилично наивен и толерантен