Се гледа крајот на политичкото медиумско бомбардирање: Изборна кампања само уште четири дена

Изборната кампања влегува во последните денови. Политичките партии имаат уште четири дена да ги претстават своите изборни програми пред гласачите, а изборниот молк, како што предвидува законот, започнува на полноќ помеѓу 15 и 16 октомври и ќе трае до затворањето на избирачките места на 17 октомври во 19 часот.

До денеска на полноќ истекува и рокот до кој можат да се објавуваат анкети за рејтинзи на политички партии и политичари, нешто што особено се засили последниве денови.

За првпат на овие избори за гласање ќе се користат апарати за биометриско читање на отисоци, барање на опозицијата за да се спречи можноста од кражба на гласови.

Државната изборна комисија објави дека ги добиле сите 4.000 уреди за идентификација на отпечатоци од прст кои се на безбедни локации и чекаат да бидат распределени до општинските изборни комисии, а подоцна и до избирачките места. За нивно користење, во тек е обука на избирачките одбори, а истата треба да заврши утре.

Но, стариот начин на гласање со УВ ламби и спреј на избирачкото место не се исфрла. Тој ќе се применува само во случаи кога ДИК ќе утврди дека избирачкиот одбор се соочува со непоправлив технички проблем на апаратот и неможност за негова заменаа. На стариот начин, ќе гласаат и болните и луѓето со одлука за изолација.

На 17 октомври, како и во вториот круг на 31 октомври, ќе се применуваат истите мерки за превенција од ковид-19 како на претходните избори. Но, гласањето, како што потврдуваат од ДИК, ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 19 часот, за разлика од ланските предвремени парламентарни избори, за кои гласањето беше продолжено за два часа, односно траеше до 21 часот на 15 јули 2020 година. Тогаш, исто така, изборите практично се спроведуваа во три наместо во два дена, така што на 13 јули гласаа избирачи што се во изолација поради ковид-19.

Овој пат лицата што се во изолација ќе може да го остварат своето избирачко право во своите домови, еден ден пред изборниот термин, односно на 16 октомври, кога треба да гласаат и болните и изнемоштени и лицата кои се во затвор или во притвор.

Во избирачкиот список се запишани 1.824.864 граѓани со право на глас.

Претходна вестПријавен случај на силување малолетничка во Скопје, полицијата ќе истражува
Следна вестПочина едномесечно бебе во Шуто Оризари, обдукцијата ќе утврди од што