Се грижи ли некој за бездомните мачки или се важни само кучињата?

Македонската метропола со години мака мачи со проблемот со бездомните животни. Оној со бездомните кучиња со години никако да се реши. Состојбата постојано се врти во круг меѓу неодговорните сопственици и недоволните градски служби коишто би требале да воведат ред првенствено во контрола на размножувањето на овие животно. Но, во сенка на проблемот со бездомните кучиња останува оној со бездомните мачки по градот. Нивната бројка по скопските населби воопшто не е мала и се чини, од година во година, се зголемува. Доказ за тоа се и честите глетки на по неколку мачки пред одделни згради или куќи по скопските населби.

Може да се каже дека проблемот со бездомните мачки не е од таков карактер како со бездомните кучиња. Мачките не се агресивни животни како кучињата, не ги напаѓаат луѓето, а по населбите вршат и корисна функција оти ги ловат глодарите.

Но, проблемот е во тоа што нивното размножување е надвор од контрола и што бројката се зголемува. Во прилог на ова оди фактот што безодомните мачки воопшто не се третираат од надлежните општествени институции за грижа за животните. Во Скопје, на пример, ЈП „Лајка“ воопшто не заловува и не ги третира мачките во смисол да се врши нивна кастрација со цел да се исконтролира нивното размножување. Претпријатието, едноставно, со сегашна поставеност и финансии, нема капацитет покрај бездомните кучиња да се занимава и со бездомните мачки.

Грижата за бездомните мачките, се чини, се покажува само инцидентно, и тоа како резултат на волонтерското делување на неколку здруженија на граѓани, и по некоја скопска општина. Така, на пример, во февруари општина Карпош финансиски помогна стерлизација на околу 150 мачки во приватна ветеринарна амбуланта. Такви активности спроведуваа и некои други здруженијата на граѓани кои организирале неколку акции за кастрација на овие животни. Меѓутоа, сето тоа е на добороволна основа што значи дека во некоја година може да се организира, а во некоја не. А со тоа проблемот ќе си трае и, извесно, ќе се зголемува бидејќи се остава само на граѓаните коишто ги сакаат животните.

Претходна вестГрчки државјанин на „Табановце“ дал пасош со пари, приведен е за поткуп
Следна вестВонреден состанок на управниот одбор на Клиниката за токсикологија