Се намалуваат коефициентите за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата

Одлука со којашто се намалуваат коефициентите за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата, е донесена на вчерашната владина седница.

Со Одлуката се намалуваат коефициентите на платите на именувани функционери во Владата, национални координатори и други функционери, на директори и други именувани лица на органи во состав на министерствата, на директори и други именувани лица на самостојни органи на државната управа, на раководни лица во управни организации, агенции, фондови и други правни лица основани со посебни закони, на казнено-поправни установи.

-Станува збор за усогласување на коефициентите на именуваните лица од страна на Владата согласно Законот за изменување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/24), којшто предвидува промена на коефициентите по коишто се пресметува платата на избраните и именуваните лица, се наведува во соопштението.

Претходно, кон крајот на февруари, по шест месеци од првичната најава, во македонскиот парламент беа изгласани законски промени со кои се намалуваат коефицентите со кои се врши пресметување на платите на функционерите во земјава. Според усвоените промени, најголемиот коефициент 4,5, според кој се пресметува платата на претседателот, премиерот и спикерот на Собранието, се намали на 3,92. Коефициентот за пратениците беше 3,5, а отсега ќе биде 3,04. Градоначалничката на Скопје земаше плата според коефициент од 3,7, кој е намален на 3,22, а ист коефициент има и државниот јавен обвинител. Претседателот на Судски совет имаше коефициент 4, а сега ќе има 3,7. За минимален износ се намалени сите коефициенти и тие сега изнесуваат од 1,91 до 3,92.

Познато е, платата на функционерите се формира така што основицата која ја претставува просечната плата во минатата година се множи со коефициентот. Во 2022 година просечната плата беше 31.859 денари, а во 2023 година е 36.614 денари. Доколку не се намалија коефициентите повеќе од илјада функционери ќе добија покачување од по 300-400 евра. Вака, зголемувањето им изнесува од 500 до 2.000 денари.

Претходна вестМЗТ убедлив против ТФТ за пробив на втората позиција во АБА 2
Следна вест172 санкционирани возачи во Скопје