По повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Скопје, денеска, во 11 часот, на партизанските гробишта во Бутел, делегации од Град Скопје и од Собранието, ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на ослободителите на градот.
Делегација од Град Скопје и собраниската делегација, во состав: Дијана Илиевска, Славјанка Петровска и Даниела Белимова, во 11:30 часот, ќе положат свежо цвеќе и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани, а во 12:30 часот, пред споменикот на ослободителите на град Скопје пред Владата.
Свечена академија и доделување на 13-то Ноемвриската награда, ќе се одржи во 19 часот во Македонската Филхармонија.
Во историските сведоштва е забележано дека во Втората светска војна Скопје беше окупирано од фашистичка Бугарија, која беше сојузник со Хитлерова Германија. Петтата бугарска фашистичка армија на 22 април 1941 година влезе и го окупира Скопје. Под своја власт го држеше градот сè до 9 септември 1944 година, за кои години беа извршени бројни убиства и злосторства врз цивилното население, како и врз македонските патриоти, борци за слобода и партизани. Потоа, градот беше во рацете на германската фашистичка армија.
Во ослободувањето на Скопје учествуваат Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесеттата македонска бригада, додека градот го бранеа единиците на 22-та гренадирска германска дивизија (47-иот и 65-тиот полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката клисура била распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија. Тука не се сметаат балистичките единици кои ги имало доста на број и биле распоредени на подножјето на Скопска Црна Гора и во селата околу Матка.
Борбата за ослободување на Скопје отпочнува утрината на 12–ти ноември 1944 годин во јужниот дел на градот. Додека единиците на македонската војска брзо напредуваат низ борби по улиците, окупаторот се повлекува до порано утврдените згради. Третата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совлада отпорот на Германците. По заземањето на зградите дојде до кејот, каде што води борба за мостовите. Делови од 12-тата и 3–тата бригада отпочнаа борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада водеа борба за зградата на Учителската школа и Поштата. Така, во текот на 12 и 13 ноември се развија жестоки борби. Одделни згради, како на пример Поштата, по неколкупати преминуваа од раце в раце. Во овие борби голема улога имаат диверзантските групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавија и ненадејно ги нападнаа Германците в грб. Потоа се поврзаа со единиците и вршеа улога на водачи, кои точно го познаваа градот и организацијата на германската одбрана.
50-тата дивизија и 8-та бригада, ги започнаа нападите со извесно задоцнување. Претпладнето на 12 ноември тие отпочнаа со нападите на германската одбрана на источниот дел од градот. 16-тата бригада која успеа да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓаа при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, на 12 ноември попладне, го отпочна нападот на касарните. Така, обрачот се повеќе се стеснувал околу германските сили.
Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што беа во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успејаа да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останаа забарикадирани во разни згради, почнаа постепено да капитулираат. Најдолго се држеа во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи.
Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи составни од по 3-4 лица, кои ги пресекуваа телефонските и телеграфските кабли, ги спречија Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеа, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречија минирањето и на Камениот мост. Исто така, по жестоки борби било спречено да ја минираат и хидроцентралата Матка. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеа да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја сочува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава. Со сето тоа веќе на 13-ти ноември главниот град конечно беше ослободен и во рацете на македонската војска. Во градот пристигнаа членовите на Президиумот на највисокиот орган на македонската држава, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија (АСНОМ), на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено – политички организации. Потоа, почна организирањето на животот, обновата и развојот на градот кој не го заборава денот кога стана слободен.