Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници, соопшти денеска македонското Собрание.
Врзано за синоќешната собраниска седница која беше прекината откако претседателот Талат Џафери нареди да се заклучат вратите од главната сала за да се пребројат пратениците, се објаснува дека се работи за правото на претседателот. Во соопштението се наведува дека е проѕирна намерата на опозицијата да создаде лажна претстава во јавноста дека претседателот на Собранието постапува спротивно на Деловникот.
– Поточно, членот 97 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците, вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сѐ додека трае поименичното изјаснување. Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците. Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување. Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозиван пратеник со ‘за’ или ‘против’ предлогот или со воздржување од гласањето. Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа. За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување, наведено е во текстот.
Таму е посочено и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.
-За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот. Според тоа, сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на вчерашното продолжение на 71.седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година. Претседателот на Собранието нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ на таков начин да ја девалвира парламентарната демократија во земјава. Претседателот на Собранието досега и во иднина ќе продолжи да работи согласно Деловникот, Уставот и законите, во интерес на граѓаните, наведено е во соопштението.