Од претстојниот месец без државна социјална помош ќе останат повеќе корсници досега незаконски ја земале. Агенцијата „Макфакс“ објави дека во центрите за социјални работи во земјата забрзано подготвуваат решенија за прекин на помошта. До ова доаѓа по обвинувањето дека милионски суми социјална помош биле незаконски поделени на корисници што не ги исполнувале условите. Министерот за труд и социјала во техничката влада Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ неодамна соопшти дека вкупно 2.252 лица незаконски примале социјална помош и пензија повеќе од година дена. На прес-конференцијата тој објасни дека овие граѓани не смееле да примат вакви исплати. Тој објасни дека се работи за корисници кои примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило. Но, според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи тие се сопственици на такво превозно средство.
-Месечната штета е 18 милиона денари. Годишно над 200 милиона денари. За сите над 2. 252 корисници, изјави Велковски.
Извори од центрите за „Макфакс“ изјавија дека решенијата за прекин на помошта веќе се подготвуваат, па следната недела без помош од државата ќе останат многумина корисници. Центрите за социјални работи прават пресметки за социјалната помош за март, но бројката на корисници ќе се намали оти досегашните грешки ќе бидат исправени почнувајќи со оваа исплата.
Од Министерството за труд велат дека официјална бројка на корисници на социјална помош ќе има на почетокот на следниот месец.
-До 5 април треба да се направи исплатата на парите од социјални прва на корисниците. Тогаш ќе имаме точна бројка колкумина корисници го изгубиле правото со вкрстувањето на базите. Постапката сè уште трае, велат од Министерството за труд за „Макфакс“.
Министерството за јануари годинава исплатило 35.386 корисници на социјална помош и социјална пензија, што ја чини државата околу 4,8 милиони евра.