Се навикнаа ли граѓаните редовно да ги носат заштитните маски? Ваквото прашање се наметнува кога ќе се видат дневните податоци кои ги соопштува полицијата за бројот на граѓаните кои направиле овој прекршок. А бројките покажуваат дека се помалку граѓани се санкционирани заради овој вид на прекршок. Така, во изминатово деноноќие полицијата санкционира 169 граѓани, а ден претходно 237. На 12 јули биле казнети 251 граѓанин, на 11 јули – 357, на 10 јули – 422… Значи, од ден на ден се помалку.
Намалувањето е уште поголемо ако се направи споредбата со 11 јуни кога биле казнети дури 1.068 граѓани или на 21 јуни кога прекршокот го направиле 805 лица. Излегува дека бројот на прекршоците сега е намален за 5-6 пати.
Инаку, Министерството за внатрешни работи досега регистрирало дури 29 619 прекршоци за неносење лична заштита на лицето.
Обврската за носење на заштитни маски или марама почна да се применува од 24 април, а да се казнува од 30 април. Ова заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина.