Се поставува монтажна амбуланта за пациенти со белодробни заболувања

Нова монтажна амбуланта ќе добијат пациенти со белодробни заболувања која ќе делува во рамките на Клиниката за пулмологија и алергологија. Објектот ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, а веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел. Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен.

Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично.

-Пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа, соопштија од Клиниката за пулмологија.

Претходна вестМедицинска донација од Кина во вредност од 250.000 евра
Следна вестСе помалку казни: Се навикнаа ли граѓаните на носење маски?