Загрижувачко: 132 лица лани го загубиле животот во сообраќајки, а 5164 биле повредени

На македонските патишта во минатата година вкупно 132 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5164 лица се повредени, се наведува во информацијата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во апелот кој го упатува оваа организација се предупредува дека летото е период кога се зголемува бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

-Половина од сообраќајните незгоди со загинати лица минатата година се случиле во периодот од месец мај до месец септември. Брзо возење, возење под дејство на алкохол, замор, деконцентрација, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација се водечки причини за предизвикување на сообраќајни незгоди во летниот период. Најчеста причина со најсериозни последици по животот и здравјето на учесниците во сообраќајот е брзото возење, укажува РСБСП.

Водејки се од ова РСБСП уште еднаш ги потсетува возачите на најважните обврски и одредби кои се однесуваат на брзото возење, а кои треба секогаш да ги почитуваат како внимателни, совесни и одговорни возачи и личности:

-Возачот е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот.

-Брзината на движење е ограничена согласно условите на патот и истата е одбележена со соодветен сообраќаен знак.

-Брзото возење ја загрозува безбедноста во сообраќајот и истото се санкционира со парична казна до 400 Евра во денарска противвредност, во зависност од тежината на сторениот прекршок, односно од големината на пречекорувањето на брзината.

-Брзото возење претставува закана за времено одземање на возачката дозвола до 12 месеци.

-Брзото возење ве прави нервозни и агресиви. Агресивните и брзи возачи немаат можност да уживаат во возењето и се соочуваат со голем број на стресни ситуации додека возат.

-Брзото возење значи поголема потрошувачка на гориво и негрижа за возилото.

Претходна вестДИК: Неважечко ќе биде секое гласачкото ливче ако нешто се прешкрта на него
Следна вестМоторциклист загина по судар со скопско „Aуди“, возачот е уапсен