Нова монтажна амбуланта ќе добијат пациенти со белодробни заболувања која ќе делува во рамките на Клиниката за пулмологија и алергологија. Објектот ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, а веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел. Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август, објектот да биде целосно подготвен.
Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично.
-Пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа, соопштија од Клиниката за пулмологија.