Плетење на венец од растенија, закитување на влезните врати во куќите и дворовите со „ѓурѓовденско цвеќе“, миење со водата во која се потопуваат растенија, капење во река… само се дел од народните обичаи кои ќе се прават на денешното празнување на празникот Ѓурѓовден.
Православните верници денес го прославуваат Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, кој е и симбол на пролетта.
Тој живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар Диоклецијан (284-305 година). Неговите родители биле богати, доброчесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа. Кога пораснал, Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповедал дека е христијанин. Царот го фрлил во затво и жестоко го измачувал неколку дена, а на крај му дал отров да испие. При сите овие маки Георгиј непрестајно Го молел Бога и Бог го исцелувал на големо одушевување на народот. Кога Св. Георгиј воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу нив била и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч на 6 мај (23 април) 303 година.
Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц. Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.
Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.