Се празнува Св. Климент Охридски – изворот на нашата духовност и образование

Со низа настани денеска во земјава ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, и патронен празник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Во Собранието на Македонија ќе биде доделена државната награда „Св.Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност. Согласно одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2023 година, годинашен добитник за остварување во областа на воспитанието и образованието е проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста е филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Владата на Македонија, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование”, со пригоден настан ќе го одбележи државниот празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски. Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Одбележувањето на државниот празник ќе започне во 10:45 часот, со положување цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на платото пред НУБ „Свети Климент Охридски“. Владината делегација ќе ја предводи претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата ќе бидат Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик-министерка за правда и Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски.

Во 11:00 часот во НУБ „ Свети Климент Охридски“, започнува свечениот настан за одбележување на државниот празник, на кој ќе се обрати премиерот Ковачевски.

МПЦ-ОА со празнични богослужби го одбележува својот патрон. Празнувањата почнаа во изминатите денови, а продолжуваат денеска со божествени литургии во храмовите. Во Скопје ќе има едноцрквие во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ каде ќе биде одржана архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан.

Во Охрид, пак, во Центарот за култура синоќа се одржа Свечена академија во чест на Свети Климент – патронот на градот, на која беше врачено највисокото општинско признание – наградата Св. Климент Охридски.

-Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Денеска од 12 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид со пригодна свеченост со наслов: „Св Климент во колективната меморија на Охрид “ ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот. Оваа 2023 година со финансиска помош од 300.000 денари од страна на Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и создавање услови за Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување. Симболично со видео приказ ќе биде отворено новото депо, а ќе биде промовиран и каталогот за дел од реставрираните книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид. За првпат во Каталогот се објавени конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката од кои најстарата ПРОХОР-ПЧИЊСКО ИЗБОРНО ЕВАНГЕЛИЕ датира од последната четвртина на 16 век, информираат од Библиотеката.

Со низа активности и охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ ќе го одбележи Патрониот празник на училиштето. Програмата започна вчера попладне кога во 17:00 часот во холот на Гимназијата се одржа свечено доделување на наградите од училишниот конкурс по повод Патрониот празник, а беше отворена и изложба со ликовни творби.

Свет Климент Охридски беше еден од најистакнатите ученици на светите Методиј и Кирил, кој достојно го продолжил нивното дело. Може да се каже дека тој повторно ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост, одејќи по стапките на своите духовни отци, проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа во која поминале околу 3.500 ученици кои биле оспособени за црковни служби, а тој станал и главен организатор и претставник на Охридската школа. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Главна дејност на Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа.

Претходна вестЗОО Скопје: Жирафата Флопи угинала од малиген тумор
Следна вестСв. Климент да ни е напомош, но и самите да си помогнеме