Комуналните служби на општина Аеродром во соработка со Град Скопје деновиве интензивно работат на расчистување на една од најголемите диви депонии на нејзината територија, лоцирана во Долно Лисиче.
-Станува збор за депонија создавана со години пред мостот во Долно Лисиче што граничи со Јурумлери. Овој потег преполн со ѓубре, шут и кабаст отпад, покрај тоа што е премногу лоша слика за тој дел од општината, претставува и голема опасност за животната средина и здравјето на жителите, посочуваат локалните власти.
Од општината велат дека се лоцирани сите депонии на територијата на Аеродром и активно се работи на нивно расчистување. Воведена е и сменска работа на инспекциските служби, кои се постојано на терен и ги едуцираат жителите, а во краен случај и ги казнуваат несовесните граѓани што фрлаат шут и отпад на јавни површини.
Расчистувањето на дивите депонии е една од првите мерки кои ги презеде и градската власт за да се спречи загадување на воздухот.