Загуби, залудни дотации, злоупотреби со бесплатни паркирања, непотизам во вработувањата… Сето ова се слушна како обвинувања за работата на јавното градско претпријатие „Градски паркинг“ на седницата на Советот на Град Скопје од пред некој ден. Советникот Лука Галески, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ изнесе повеќе податоци за работата на поранешното раководство на претпријатието – од градската каса добивало субвенции од 37 милиони денари, а на крај имало загуба од 33 милиони, имало паралелен систем со кој бесплатно паркирање им било овозможувано на бизнисмени, политичари, министри…
И не било само тоа, Галески се повика и на информација на „свиркач“ од редовите на ова ЈП кој го информирал дека имало бројни роднински вработувања во изминатиов период – еден член на претседателството на една политичка партија, неговата сопруга, внука на основачот на една политичка партија на власт, има роднина на претседател на една политичка партија која што е на власт, една роднина на генерален секретар на една политичка партија која што е на власт, кумашин на политички лидери од власта, кумови…
Дали сето ова сега се проверува и расчистува? Колкумина во ова претпријатие се погрешно паркирани? Зошто имало толкави загуби иако се добивале големи субвенции?
Инаку, за лошата состојба во „Градски паркинг“ зборуваше и поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов. Тој пред четири години предупреди дека таму има превработеност. Тој во 2018 година рече дека „Градски паркинг“ има 258 вработени од кои „половината се вишок и слободно може да си одат“. Меѓутоа, тоа не се случи. Не се направи рационализација, никаква прераспределба за да ова јавно претпријатие стане пофункционално и да работи без загуби.
Проблемите си останаа и тие пак излегоа на површина и сега треба да ги решава новото градско раководство. Ќе го направи ли градоначалничката Арсовска тоа? Многу време нема. Скопјани шекуваат разрешување на хаосот во претпријатието, а не само пајакот да „жнее“ возила низ Скопје.