Православните христијански верници денеска го празнуваат празникот Младенци, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус каде што се слави споменот на четириесетте војници од Севастија, кои маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Овој празник го слават брачните парови во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година. Младите брачни двојки го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. На овој ден во црква се носат свеќите од венчавката за да се догорат, а навечер обично доаѓаат најблиските за да честитаат. Во некои краишта на денешен ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче. Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.
Младенци секогаш паѓаат за време на постот, па храната што се приготвува на тој ден мора да биде во согласност со тоа – поради верата, здравјето и напредокот на младиот брачен пар и децата. Според верувањата на овој ден се јаде мед, варени коприви и зеленило за да ја прочистат крвта. Вообичаено е да им се донесе подарок на младенците.
Во минатото во Македонија со празникот Свети четириесет маченици биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамноденица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата
Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.
Според друго предание војниците биле исечени со меч откако ја преживеале ноќта во студената вода, а според трето, езерската вода што се смрзнувала, кога ги фрлиле војниците почнала да се одмрзнува, светлосните венци над главите ги штителе од смрзнување. Војводата и другите мачители биле изненадени кога утрото ги виделе живи и пак ги фрлиле во водата откако претходно им ги скршиле коските. Но тогаш четириесетте маченици му се јавиле на епископот Петар и побарале нивните мошти да бидат извадени од езерото.
Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јаде нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели, не се умира за храна, зашто таа може и на трн да се најде. Некои со ова верување ја поврзуваат и пословицата: „Не умри магаре до зелена трева.“