Се уште има време за парламентарни избори годинава

Колумна на Никола Тасев:

Македонија кризира и мора да се бара решение за тоа. Општеството е тешко заболено, стопанството има аритмија и многу висок притисок, државата долго време е со висока температура и губи на килажа. Власта сето ова го решава со давање инфузија од физиолошки раствор и ни вели дека знае што прави и дека ќе ја протера болеста.

Треба ли од вакви доктори да очекуваме излекување? Лош е и фактот дека Собранието е нефункционално, функционерите ништо не работат, само тршаат по „болничките“ ходници, глумејќи зафатеност и работливост.

А граѓаните? – тие протестираат, некои пред Владата, некои пред Собранието, некои по улици и на плоштадите… Цела држава е во штрајк, граѓаните се повеќе се освестуваат дека владините доктори не можат да го спасат пациентот.

Цените полудеа, корупција и криминал на секој чекор – инвеститорите на прсти се бројат, а некои и планираат да си заминат. „Свежи“ пари, што ќе ја покренат економија – нема. Нема ниту учебници, ниту лекови, нема ниту слух за потребите на народот. Не е чудо, во иднина, ако запрат задолжувањата на власта, да снема и плати и пензии.

Ама „докторите“ секој ден имаат „конзилиум“ и велат се е под контрола! Во својот скапо платен „пи-ар“ не убедуваат дека се движиме нагоре, оти државната каса е ликвидна, оти на народот му е убава живеачката, се градат километри и килиметри автопатишта, болници, училишта… Здравството и образованието се на највисоко ниво, судството е „швајцарски саат“, корупцијата се решава, криминалот е искоренет, а оти протестите се политички мотивирани…

Бљак!

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ не попушта. Таа повремено бара предвремени избори, ама претежно со соопштенија и изјави пред камери. Многу ретко, со конкретни потези, покажа дека сака да ги добие. Еве деновиве најавуваат оти ќе го напуштат Собранието, ако власта пак го злоупотреби европското знаменце со најавениот Закон за амнестија. Ама само најавија! А во последнава година немаа ли причини за напуштање? Ај да не ги бројам сега сите манипулации и изгрување на власта на собраниските процедури или пак однесувањето на претседателот Џафери како да е газда на Собранието.

Туку да се вратам на „пи-арот“ на власта! Упорни се!

Ви се згадува ли денот, кога ќе ви започне со утринското соопштение од СДСМ дека тие се ПРО-европска и ПРО-западна партија и оти само тие работат во интерес на граѓаните, а сите други се АНТИ-европјани. Мене ми се гади! Не дека соопштенијата се лошо напишани, туку дека сакам во нивно соопштение или во изјава на владин функционер да слушнам за други работи: зошто се уште нема учебници, зошто на Онкологија нема терапија, зошто одењето на лекар на „државно“ е пекол за граѓаните, зошто не се решава проблемот на пензионерите, оти немаат слух за земјоделците, оти два километра автопат кон косовската граница се гради три години… Сакам да слушнам решенија за проблемите, а не фалби и лажни надежи.

Сето тоа го нема. Затоа сакам да слушнам и зошто не се распишат нови избори?

Септември и октомври беа идеални термини за тоа. Се пропушти, ама затоа, се уште не е доцна годинава да има парламентарни избори! Нека се пред Нова Година – можност за гласачите на партиите да им поделат подароци, според заслугата. Некому глас, некому „црн јаглен“…

Неопходно е во следната година, Македонија да влезе со нова власт, нови луѓе, нова енергија… Оти народот го изгуби еланот и надежта, кога гледа дека функционерите ништо не работат. Додуша, тие си работат, ама исклучиво за свои лични бизниси.

На македонскиот граѓанин, му треба поттик, нов замаец, за општеството да добие позитивна енергија, надеж дека може да се излезе од оваа криза и од апатијата со која ги зарази власта.

Изборите можат сето тоа да го покренат.

Со оваа власт тоа не е можно! Оти секој месец повеќе за СДСМ и ДУИ во власта, значи година назад за Македонија!

Претходна вестПожарите ќе згаснат кога ќе се разгори откривањето на пироманите
Следна вестКонтролорите на летање ќе штрајкуваат на 12 октомври, од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови