Македонија остана збунета по најавата дека по децении успешност нема да се одржи светски познатиот – Охридски пливачки маратон. Јавноста е огорчена особено што оваа спортска манифестација е под директно покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, но ниту тој не спречил да дојде до ситуација да се зборува за пропаѓање на светски познатиот маратон.
-Во политиката се распродадоа, сега на ред е и спортот и големите спортски манифестации, е една од илјадниците реакции на социјалните мрежи.
По ваквите реакции на населението во Македонија прво се порастрча раководството на општина Охрид.
-Општина Охрид ќе направи сѐ, односно 99 отсто Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи, изјави денеска градоначалникот Кирил Пецаков по координативниот состанок со претставници на пливачките клубови од градот. Тој најави дека дека веќе разговарал и со државни институции.
За кратко време се јави и Агенцијата за млади и спорт. Од таму соопштија дека со владина поддршка ја преземаат организацијата на Охридскиот маратон.
-Агенцијата за млади и спорт и сите надлежни институции, нема да дозволат овој познат, реномиран и светски признаен пливачки маратон да прекине и ќе ја преземе организацијата за одржување на маратонот, посочија од Агенцијата.
И така, сега наеднаш, кога пукна резилот, се јавија многу спасители за Охридскиот маратон да не се удави. Остана нејасно само дали покровител ќе остане Пендаровски или и него ќе го „спасуваат од ова пливање“?