Нашиот познат музички уметник Љубомир Бранѓолица бескрајно го сака Скопје, бидејќи тоа е градот кој го примил како свој кога пред речиси цели седум децении дошол да живее во него.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
Тоа е моето доаѓање во Скопје, во далечната 1953 година, во моментот на таа прва средба јас градот го доживеав многу добро и тој за мене беше велеград. Го нареков „Град во магла“ бидејќи постојано беше маглив. Во него дојдов откако сум престојувал во повеќе други градови кога заминав од мојот Дубровник, каде што се и корените на моето семејство и во градските архиви уште се чуваат документи уште од 1500 година каде што се спомнуваат имињата на моите далечни претци… Дојдов по престојот во Котор, Будва, Бар, Белград… во град кој ќе го засакам исто како што го сакав сето она што подоцна ми се случувало во него. Едноставно, бев маѓепсан со сè она што пронајдов овде, со градот, со луѓето во него со коишто воспоставив контакт. И музички и животен.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
–Одговарам без дилеми: старото Скопје. Заради тоа што во тоа старо Скопје почнав да создавам, да творам, компонирам. Во новото Скопје сега можам само да се сеќавам на тоа што сум го правел со многу љубов. Сега, заради годините и заради вирусот, ретко излегувам од дома. Но, активен сум, сè уште творам и ја средувам музичката документација што ја имам за да остане за идните поколенија.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Политичарите секогаш многу ветуваат, а во овој град треба да се направат уште многу работи. Да се биде градоначалник е света должност и јас се надевам дека ќе доживеам овој град да се промени на тој начин што во него ќе можат да живеат, создаваат и уживаат и повозрасните како мене, но и моите синови и ќерката, внуците и сите идни генерации што ќе нè наследат нас.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Сметам дека со сето она што сум го направил во градот кој ме прими како свој најроден, достојно сум му се оддолжил. Зад мене се 16 балети, десетина симфонии, концерти, опери, музика за филмови и за театарски претстави… сета таа документација сега ја средувам, во неа ќе има околу 400 композиции, што планирам да се издадат во посебни изданија.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Моето гордеење има поширока димензија од нешто што е само градско. Секогаш најмногу сум се гордеел со македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“. Тоа е една прекрасна композиција што зборува за Македонија, за слободата, за големите личности кои се вложени во тој идеал. Јас потекнувам од Дубровник, град кој порано беше република, кој знае и цени што е тоа да се има слобода.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Градот треба да остане таков каков што си е сега. Еден град треба да се пази, да се чува, да се гали, да се внимава на него. Знам дека сите се борат на Скопје да му го дадат сјајот што го заслужува, но кој градот, за жал, сè уште го нема. Мислам дека сега е најважно градот да не се шири повеќе. Тешко е да се одржува еден голем град. Сега немаме сили за едно такво одржување какво што е неопходно.
Во какво Скопје сакате да живеете?
–Во градот каков што го помнам кога дојдов во него. Топол, пријатен, гостопримлив за сите што доаѓаат од страна и коишто веднаш го засакуваат и се врзуваат за него. За крај би сакал со вас да споделам еден мој многу драг спомен. Непосредно по моето доаѓање во Скопје, во Старата скопска чаршија јас сосема случајно пронајдов ретка и драгоцена паричка од Дубровничката република. Тоа беше едно неверојатно доживување, што јас го сфатив како знак дека и еден дубровчанец како мене е добредојден во ова наше магично Скопје.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Мислам дека е многу, многу важно да се обнови Универзалната сала онаква каква што беше. Постоечкиот објект да не се урива, туку темелно да се реконструира. Тоа е една прекрасна сала за којашто сите скопјани, а мене посебно, нè врзуваат драги спомени на изведени фестивали, опери и балети… Во таа сала доживеав безброј прекрасни моменти. А ако некогаш има средства, секако може да се направи и друга сала. Од градот, пак, би го одзел неговиот хаотичен ритам на живеење и гужвите. Тој ритам е многу напорен и му ја одзема убавината на градот.