Претседателот на државата Стево Пендаровски за утре во 13:00 часот во Кабинетот во вилата Водно свика редовна седница на Советот за национална безбедност.
Покрај членовите на Советот, поканети се и началникот на Генералштабот на Армијата, директорот на Агенцијата за разузнавање и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.
И таман кога сите помислија дека ова тело кое ги обединува сите главни функции во Македонија ќе се состане да ја разгледа ситуацијата со пандемијата во земјава, особено откако е воведен и полициски час поради високата бројка на заразени, во соопштението стои цитираме: „Седницата ќе се одржи со единствена точка на дневен ред: Информација за стратешките набавки во Армијата во наредниот период“.
Советот за безбедност изминатата година одржуваше чести седници, особено за време на вонредната состојба, при што членовите на прес – конференциите детално информираа за предлозите кои произлегуваа, како и за идните планови.
Затоа зачудува што епидемиолошката состојба со речиси 1.000 новозаразени и со дваесетина смртни случаи дневно, сега, не заслужува да биде на дневен ред, макар и како втора точка.