Селото Врбица, во Општина Чешиново-Облешево, беше 100 посто загрозено во денешниот пожар. Без авионите, хеликоптерите и пожарникарите ќе изгореше, вели Стојан Ристов жител на селото. Тој кажа дека во опасност биле и самите пожарникари.
Пожарот избувна денес на ридот близу Манастирот Свети Ѓорѓија, во близина на селата Врбица и Соколарци, пишува МИА.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека тревата горела многу бргу и огнот се заканувал кон населеното место, па ангажирани беа ертракторите, хеликоптерот на МВР, а пожарот се гаснеше и од земја.
Три екипи на Територијалната противпожарна единица Кочани итно беа упатени на терен, а повикани беа и екипи на Доброволното противпожарно друштво Кочани.
Како што објаснија од ЦУК, пожарот имал повеќе кракови, а променливиот ветер и по правец и по силина ги разгорувал на различни страни.