Сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари, се регистрирани во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Македонија во 2023 година, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Извештајот наведува дека законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.
– Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција, се вели во документот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала дека корупцијата генерално се влошила.
Извештајот нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. ОЈО Скопје покрена истрага за наводите дека персоналот на Државната клиника за онкологија крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар. Граѓаните во многу наврати протестираа поради овие наводи, а полицијата и обвинителството на 1 септември упаднаа во клиниката за да соберат докази“.
Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, стои во извештајот.
– Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото, забалежува Стејт департментот.
Во однос на слободата на изразување, во Извештајот се вели дека според медиумите и граѓанските организации, слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.