Оглас за нови вработувања доаѓа во ситуација кога Градот и општините постојано се жалат дека немаат доволно пари, па дури и дека треба да им се зголеми процентот од 3 отсто кој им се исплаќа од персонален данок и оние 4,5 проценти колку што добиваат од ДДВ. Но, колкаво зголемување ќе му биде доволно ако не ја решаваат превработеноста туку вработуваат нови административци?
Можеш ли на некој број (да речеме 100) да му додадеш уште 20 и со тоа бројот да го намалиш? Е,е,е… Град Скопје може вакви работи да прави. Еве ви пример: Администрацијата на Градот Скопје, која што го исчекува селењето во големата зграда во центарот на градот, наскоро ќе се зголеми, а цело време ни се кажува дека е преобемна и ќе ја намалат.
Распишан е оглас за прием на нови 23 вработени што значи дека на платниот список на кој во 2019 година имаше 643 вработени, сега ќе има 666 лица кои ќе примаат плата од градската каса. За тројца повеќе отколку што имаше во 2016 година. Веста за ова, за тоа дека Градот прима нови вработени не е невообичаена оти такви конкурси се секојдневие. Меѓутоа, нели ќе се намалуваше, нели сме неколку месеци пред крајот од мандатот на Шилегов, нели нема пари, нели…
-Зголемуваат администрација со нови вработувања за да ја намалат. Голем изум е ова на Град Скопје, сигурно градоначалникот за ова ќе добие и грант за иновации, низ шега ни коментира скопјанец.
За скопјани кои ги прашавме за новите вработувања ова е само злоупотреба на градски пари.
-Вакви вработувања сега не се потребни, администрацијата ни е преобемна. Но, вработувањето на нови административци во овој период е партиско купување на гласачи или исполнување на партиски ветувања, категорична е Снежана Антиќ.
Остана вишокот од 1.200 вработени
А граѓаните реагираат на она што е објавено како оглас. Се бара, на пример, помлад соработник за канцелариско работење, тројца соработници во Секторот за даноци на имот и комунални такси, еден соработник за прописи во Оделение за норматива, соработник за аналитика за јавен превоз, самостоен референт за техничка документација… Сето ова во ситуација кога во 2019 година број на сите вработени во градот и неговите институции, јавни претпријатија,,, достигна 8.098 вработени. Заедно со 7.763 вработени административци и работници по општински институции тоа значи дека од градскиот и општинските буџети се плаќаат вкупно 15.861 лице. Најголеми, според податоците на Министерството за информатичко општество се градските јавни претпријатија – во ЈСП „Скопје“ има 1.363 вработени, во ЈП „Комунална хигиена“ има 1.350, во „Паркови и зеленило“ – 503, „Градски паркинг“ – 248 работници….
–Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во „Градски паркинг“ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП „Скопје“ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. „Градски паркинг“ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов на една седница на Градскиот Совет пред повеќе од две години.
Но, ете, проблемот со превработеноста кој потоа не го чепна, градоначалникот Шилегов реши да го зголемува наместо да го намалува. Па, наместо да се бара некој прекуброен вработен во ЈСП „Скопје“ кој за Градот Скопје би можел да обавува задачи за аналитика на јавниот превоз, поарно е да се распише оглас за нов аналитичар. А дали меѓу прекубројните во „Градски паркинг“, во „Комунална хигиена“ можел да се најде и преземе некој самостоен референт за техничка документација?
-Тотално е погрешно вработувањето на последните 23 административци, посебно што не е поткрепено со никаков план, систематизација или потреба за истото, баш сега, на 4 месеци од избори! Исто така, проблем се и времените вработувања, односно сумата која се троши за такви вработувања, а тоа не се сезонски работници или профил на луѓе кои допринесуваат за општо добро, смета граѓанинот Мартин Клинчаров.
Друг граѓанин, Мики Богоев, ни вели дека и овој случај потврдува дека државните, градските и општинските пари никогаш не се трошеле рационално.
-Тие се користат само тогаш кога треба да се земе процент од некоја набавка или кога треба да се вработат неквалификувани партиски кадри. Не ми е криво што се партиски, но само нека се квалификувани за таа работа за која се пријавиле. Ако сакаат можат да си ги прерасподелат по општини целиот вишок непродуктивни кадри но претходно да си ги квалификуваат за таа работа за која се пријавиле, потенцира овој граѓанин.
Бараат повеќе пари, за нови вработени ли ќе се трошат?
Од друга страна, огласот за нови вработувања доаѓа во ситуација кога Градот и општините постојано се жалат дека од државата не добиваат доволно пари. Односно, дека државата треба да им го зголеми процентот од 3 отсто кој им се исплаќа од персонален данок и оној 4,5 проценти колку што добиваат од ДДВ, а што сега се смета за недоволно. Но, колкаво зголемување ќе му биде доволно на Градот Скопје или на општините ако не ја решаваат превработеноста туку вработуваат нови административци? Прашањето, значи, води кон тоа дали локалните самоуправи од своја страна рационално ги трошат парите кои им се собираат во буџетите?
-Погледнете ги и другите општини, посебно во градот Скопје, но и низ Македонија, ама конкретно тоа е изразено во скопските општини. Општина Бутел распиша таков оглас за времено вработување во висина од 400.000 евра. Општина која кубури со средства, за 4 години, потрошила близу 1.5 милиони евра на времени вработувања. Средствата кои треба да бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните, реконструкција на улици, јавни површини, водоводи…. се трошат за времени вработувања на партиски лица, кои не одат на работа, ни вели граѓанинот Мартин Клинчаров.
Никој од соговорниците не очекува дека критиката ќе ги предомисли градските власти и нема да вработат нови лица на грбот на скопјани. Но, велат, наскоро се локалните избори, па…
Потребно е „чешлање“ на администрацијата
Скопјани бараат добро да се „исчешла“ градската администрација и да се отсрани се што е вишок и тоа што е можно побрзо.
-Сметам дека прво треба да се провери секое едно работно место, секој еден оддел во било која институција со јавна администрација за да се утврди вишокот или недостаток на администраторите. Тогаш би можела да се направи прераспределба на вишокот и да се покрие каде што фали административни работници. Познато е дека во изминатите години има премногу вработени во било која администрација. Инаку, неморално е околу изборите да се прават вработувања. Тоа треба со закон да се забрани, најмалку шест месеци пред изборите да нема такви вработувања, смета Бобан Илиевски.