Отсуството на 47 вработени од даночниот сектор на Градот Скопје за време на кризата со корона вирусот не се почувствувало во работата на градските служби. Градоначалникот Петре Шилегов вчера рече дека во изминативе шест месеци се покажало дека работите се вршеле и без нив.
-Градот може да функционира и со помал број вработени, но прописите се такви, треба сериозни постапки да водите за да го рационализирате работењето на државата администрација. Тоа што голем број вработени ги користат мерките на Владата и не се на работа, а ги плаќаме, покажа дека Градот и без тие луѓе може да фунционира. Јас очекувам како полека ќе се укинуваат мерките, ќе почне спроведување на политиката на намалување на државната администрација за 20 проценти. Градот ќе може да даде сериозна анализа, која веќе ја работиме, за определени сектори каде имаме поголем број на вработени од потребното, рече Шилегов.
Кога ќе следи таа анализа и евентуалното намалување доправа треба да се види. Но, прашањето е требаше ли да се чека толку долго време. Уште кон крајот на 2018 година Шилегов откри дека во градските служби имало околу 1.200 вработени кои се вишок. Во „Градски паркинг“ имало 130 отповеќе, во ЈСП „Скопје“ имало дури 700 административци… Дури на седница на Советот на Град Скопје имаше полемика со советниците од опозицијата за тоа кој да го направи списокот за намалување.
Но, оттогаш ништо не се направи за намалувањето. Процедурите се веројатно комплицирани, но зошто не се посегна по преместувањата во другите градски служби каде има недостиг на вработени? Вака, се чекаше и се дојде во ситуација за ова да се размислува во последната година од градоначалничкиот мандат. А, такви мерки тешко дека ќе се прават во изборната година…