Шилегов: Подземната сообраќајница зад „Рамстор“ ќе се изгради до крајот на 2023 година

Подземната сообраќајница зад „Рамстор“ треба да биде завршена до крајот на 2023 година, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов во синоќешното интервју на телевизијa Телма.

-За да може да се изгради комплексот на „Лимак“ мора да биде изграден тунелот. Она што го гледат граѓаните на „Железничка“ дека е изградено е хотел кој не е предмет на договорот кој Градот Скопје има склучено со компанијата Лимак туку е тоa посебен приватен аранжман.

Но тоа е далеку од тоа што треба да биде Дајмнонд Лимак комплексот. Тој не може да биде изграден доколку не се направи тунелот кој се работи во моментот. Тоа е посебна технологија, со сериозна заштита на темелите на Старата железничка станица. Тој тунелот е, всушност, фундаментот. Очекувам дека ќе биде завршен до крајот на 2023 година, рече Шилегов.

Тој додаде дека пренамената на улиците во центарот на градот и создавање на пешачка зона зависи од идејниот проект за нов брз автобски превоз.

-Каква трансформација ќе доживее улицата „Даме Груев“ ќе покаже анализата за нов јавен транспорт, рече тој.

За тунелот под Кале тој рече дека до средината или до крајот на другата година ќе има изведбен проект по кој ќе може да се распише тендер за изградба.

Шилегов најави и дека наскоро може да се очекува вселување на градската администрација во нов објект, но не откри за кој се работи.

Претходна вестСончево со температура до 18 степени
Следна вестСе станува ли зелена престолнина без садење дрвца?