Шилегов пред седум години ветуваше железнички прстен околу Скопје, ќе го реализира ли сега Николоски?

Скопјани добија нова најава дека ќе се работи на проектот за воспоставување на железнички прстен околу градот за да се подобри функционирањето на јавниот градски превоз. Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски завчера изјави дека сезона е возможно во Скопје да се воведе градски воз. Односно, да се искористи постојната железничка инфраструктура за градски превоз со возовите што беа набавени од Кина пред крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

-Можеме да размислуваме за воведување на таканаречен градски воз во рамки на градот Скопје. Постојната железничка инфраструктура во градот Скопје е релативно добра и ќе овозможи да се искористи и граѓаните за точно определено време да може да стигнуваат на пример од Драчево до Скопје. Тоа може да почне уште од следната сезона и може да се направи цел железнички прстен околу Скопје, особено со населбите од кои луѓето имаат сега сериозен проблем да дојдат до центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот и за тоа ќе можат да се искористат возовите кои се купија на крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, рече Николоски во интервју за ТВ Сител.

Идејата за воспоставување на железнички прстен околу градот не е нова. Пред седум години, во 2017 година, тогашниот кандидат за скопски градоначалник Петре Шилегов, во својата изборна кампања ветуваше речиси ист проект. Во негова изборна програма за локалните избори таа година, а која потоа ја доби поддршката на граѓаните, тој вети дека Градот Скопје ќе ги ревитализира запоставените железнички станици во Драчево, Транспортен центар, Маџари, Скопје-Север, Волково и Ѓорче Петров. Вети истовремено и изградба на рампи за велосипеди и нови велосипедски патеки до овие железнички станици. Но, потоа, од проектот не се случи ништо освен што имаше промотивно возење.

Како и што ќе прави новиот министер за транспорт и врски Николоски останува да се види. Иако постои железничка инфраструктура, сепак, постојат и одредени проблеми за реализација на проектот. Еден од проблемите е секако состојбата во која што се наоѓаат железничките стојалишта кои би требало да ги користат граѓаните. А тие се во назавидна состојба и не толку блиску до линиите во автобускиот сообраќај кои потоа би требало да ги користат граѓаните.

Така, на пример, до железничката станица во Ѓорче Петров која е сместена во барака води неасфалтиран пат, а јавниот превоз не застанува во близина. До станицата Скопје Север има градски автобуски линии но таа е запустена, исто како и таа во Железара која е далеку од градските автобуски линии…

Сето ова значи дека ќе треба да се вложат многу напори за да се реализира оваа идеја. Скопскиот регион со пругите во должина од околу 100 километри има извонредни услови за воспоставување на градско-приградска железница, која што на граѓаните би им овозможила брзи, евтини и еколошки патувања во рамките на главниот град. На потег е, значи, новиот министер…

Претходна вестСе санираат последиците од невремето во Тетово и Скопје, бројни пријави за претпрена материјална штета
Следна вестМицкоски: Преговарачката рамка со ЕУ може да се промени, подготвени сме за дијалог со Бугарија