Во целото брзање и зафатеност во последните денови на кампањата градоначалникот Шилегов најде време да распише тендер. Од вчера европските и светските фирми може да се пријавуваат на меѓународниот тендер кој актуелните скопски власти го објавија на сајтот на Европската банка за обнова и развој за воведување на Бас рапид транзит (БРТ) во Скопје. Се уште актуелниот градоначалник Петре Шилегов се реши на ова иако до вториот изборен круг останаа само три дена.
Колку сето ова е во изборна функција ќе пресудат граѓаните, но некои прашања уште сега мора да добијат одговор. Едното е, секако, дали вакви тендери, распишани врз основа на задолжувањето кај ЕБРД од 70 милиони евра, смеат да се распишуваат во нејголемиот ек на изборната кампања? Односно, дали со тоа се нарушува законот и за што својот суд веднаш треба да даде државната Антикорупциска комисија.
Второто прашање е зошто Шилегов не почека да победи на изборите (како што самиот тврди) и веќе во понеделник – вторник да го распише тендерот?
Гласањето во првиот круг за скопски градоначалник, зарем не може да се подразбере и како еден вид на изјаснување за проектот на Шилегов за БРТ? Во текот на кампањата неговата противкандидатка недвосмислено соопшти дека е категорично против тој проект и доби многу повеќе гласови од скопјани.
Значи, ако пак победи Данела таа би го запрела проектот БРТ во име на свој концепт за бесплатен автобуски превози и набавка на 250 нови автобуси. Откажувањето од распишаниот тендер сигурно ќе го урне угледот и кредибилитетот на Градот Скопје меѓу фирмите учеснички на тендерот. Најдоброто решение беше да се почека со распишувањето на тендерот за да се види кој концепт ќе го поддржат граѓаните.
Всушност, најдобро ќе беше за најважните проекти во градот, на референдум да се изјаснуваат скопјани, а дури потоа Град Скопје да постапува по решеното.