ГТЦ на чуден начин се брани од новите шопинг молови во Скопје

Насадија десетина дрвца на покривот и помислија дека направиле се што треба за објектот кој го „гушкаа“

Скопје станува град на шопинг – молови. Денеска се отвори нов, голем, „Ист гејт мол“ со бројни продавници.

Новиот мол на источната страна на градот се надоврза на западниот Сити мол, како и на другите молови кои до сега се отворија во градот. Но, што е со средишниот мол во метрополата – Градскиот трговски центар – кој годинава влезе во 48 година од постоењето и кој е еден од најпрепознатливите деловни обележја на Скопје?

Се дозволува популарниот ГТЦ пред очите на сите скопјани полека да пропаѓа и да ја губи битка со конкуренцијата. Во тоа секојдневно се уверуваат сите оние кои ќе поминат низ него. Слаба осветленост на делови од трговскиот, голем број на празни дуќани, третиот спрат е неуреден, несоодветна хигиена, кучиња скитници се шетаат бесцелно, а се шетаат и многу вработени во овој некогаш горд дел од Скопје… 

-Доаѓам во него од навика. Се помалку ме привлекува иако тука ја поминав младоста и тука шопингував најчесто. Мора да вложат повеќе за да биде пак оној стариот, ни прокоментира средовечна скопјанка.

За волја на вистината, пред четири години имаше добри обиди да му се врати дел од сјајот на ГТЦ, но тоа траеше кратко. Се смени зеленилото, се сменија дел од плафоните, се подзачисти, се потсреди малку и паркингот, но толку… Државните и градските функционери се чини помислија дека е доволно што насадија десетина дрвца на покривот и сега може да издаваат дозволи за градење нови молови. Сето тоа резултираше и со загуби во работењето на оваа државно акционерско друштво – лани според изнесените податоци тие изнесуваа 655.000 евра. Во загубата сигурно придонела кризата со корона вирусот, но и преклани ГТЦ имаше загуба од 554.000 евра.

Нешто подлабоко не е во ред со друштвото, а тоа може да се бара и во неуспехот на управата да остане имуна на партиски влијанија и превработувања. Не најдоа и концепт кој ќе биде успешен. Зарем сите полека го забораваат ГТЦ и креваат раце од него? Дури и оние кои своевремено го „гушкаа“ во отпорот да се спречи планираната реконструкција во барок. Во тоа се успеа, но се чини сега има потреба од повторно „гушкање“, ама симболот на градот веќе нема кој да го брани!

Оставен е ГТЦ самиот на чуден ( а може и иновативен да е, кој ли може да претпостави) начин да се бори со новонаправената и нашминкана конкуренција. Ќе издржи ли?

 

Претходна вестИма многу партиски вработувања и корупција, затоа го продадов бизнисот и заминав од Македонија
Следна вестШилегов требаше да почека – да победи на изборите па да распише тендер за БРТ