Власта е растрчана околу градење на патишта низ Македонија. Се потпишуваат и плаќаат скапи договори за нови сообраќајници, се надгледуваат веќе започнатите патишта, се даваат ветувања дека се ќе се изгради и дека Македонија ќе има одлична патна инфраструктура.
Арно ама, вчера до јавноста стигна ладен туш – градењето на автопатот Кичево – Охрид не оди како што треба. И таа лоша вест ја соопшти лично премиерот Димитар Ковачевски.
-Недозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради веќе над 10 години, сè уште не е направен. Притоа пак да се бара одложување. Јас веќе ги информирав некои од колегите од Владата дека ќе барам ревизија од страна на државната ревизија на овој проект врз основа на која ќе биде носена одлуката. Со оглед на тоа што овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект. Сметам дека би требало да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање изведувач што ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме 10 години пат што се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема ниту еден метар пуштено автопат на делницата Кичево – Охрид, рече премиерот Ковачевски.
Големо, непријатно изненадување.
Па токму министри од неговата влада лани тврдеа – ветуваа дека последниот рок за завршување на патот Кичево – Охрид ќе биде крајот на 2023 година.
Како сега наеднаш излегоа овие работи? Немаше ли надзорни органи да ги видат аномалиите порано и да се реагира понавреме? Што значи ова, дека автопатот Кичево – Охрид ќе се прави уште 10 години? Па нели сите грешки што ги направила минатата власт се средија, нели и траса менуваа?
Многу разочарувачко.
Но, од друга страна Македонија и нејзините граѓани имаат среќа што на други места низ земјвата се градело непречено и успешно. Радува фактот изнесен неколкупати (дури и во реклами) од премиерот Ковачевски – Владата предводена од СДСМ изгради патишта во должина од околу 1.300 километри.
-Факт е дека за само пет години, од 2017 година наваму, изградени се патишта во должина од околу 1.300 километри, што е значително поголема динамика, ако се земе предвид дека во претходниот 10-годишен период биле изградени двојно помалку патишта низ земјата, само околу 650 километри. Сега, активно се градат автопати во должина од 59 километри и се подготвува изградба на автопати во должина од преку 130 километри (за Коридор 10-Д и Коридор 8) и Скопје Блаце, фаза 2, објасни пред извесно време Ковачевски.
Очигледно Владата нема среќа само со патот Кичево – Охрид. Но, и тоа ќе се поправи, само граѓаните треба да имаат трпение.
Па, други држави прават тунели под море, зарем овде некој се сомнева дека нема да се направи автопат долг 40-тина километри?