Граѓаните се директно и индиректно притиснати да се вакцинираат, пред се со ограничувањето на слободата на движењето. Индиректно се притиснати децата, бидејќи за да не седат во изолација заради заразено другарче во одделение, треба да се вакцинирани. Но истиве притисоци не важат за попишувачите.
Имено, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски нагласи дека не знае колку точно попишувачи се вацинирани. Последната бројка кога почна пријавувањето во август, според него е дека околу една третина не биле имунизирани. На што граѓаните му реагираа дека „во ек на пандемија, во моменти кога луѓе без вакцина не смеат да влезат во кафеана, кафуле, трговски центри и каде уште не, нема да смеат да влезат ниту во нивните домови“.
-Значи од оние кои што се веќе ангажирани, две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не се вакцинирани се вакцинирани во овој период не знаеме. Меѓутоа, таму каде што граѓаните ќе инсистираат да бидат попишани од вакциниран попишувач, тоа ќе се случи. Техниката и начинот ќе зависи од тоа каде, кога се побарало и слично, ние ќе го обезбедиме тоа се разбира. Тоа се разбира нема да биде истиот момент, ќе се договориме кога и во кое време да дојде лице да ги попише, изјави Симовски.
Клучното прашање е кога ќе обезбедат вакцинирано лице односно дали воопшто ќе има време бидејќи пописот трае до 25 септември, и што ако половина од луѓето речат дека сакаат вакциниран попишувач?! Шансите да им бидат обезбедени се минимални. А што пак доколку мнозинството се изјаснат дека нема да отворат врата ако попишувачот не е вакциниран? Дали тоа би значело дебакл на уште една статистичка операција?
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски синоќа во интервју повика на масовно попишување. Претходно „Левица“ повика на бојкот, па дури и гласачите и членовите на ВМРО ДПМНЕ, нудејќи им и правна помош ако добијат било каква закана од попишувачот кому нема да му отворат врата. Власта пак, помпезно го најави стартот на пописот на 5ти септември, гарантирајќи успешна операција. Ама, вчера на вториот ден пописот крахираше, оти се блокирала електронската апликација каде што попишувачите вннесуваат податоци. По неколку часа проблемот беше решен.